Новиот тренер на Јунајтед побарал благослов од Фергусон пред дебито против Барнли!
Тој денеска ќе го води тимот на гостувањето кај Барнли во рамки на Премиер лигата, а можно е да остане на клупата и за натпреварот од третото коло на ФА Куп против Брајтон, закажан за недела.
„Не сакам да носам важни одлуки без да разговарам со Сер Алекс. Имам навистина одличен однос со него и сакав прво да поразговарам и, искрено, да го добијам неговото одобрување. Мислам дека тој го заслужува тоа почитување. Сакав да го дискутирам ова со него и тој се согласи со мојот став“, изјави Флечер на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот.
Флечер во својата играчка кариера забележа 342 настапи во сите натпреварувања за Манчестер Јунајтед, најголемиот дел под водство на Фергусон. До неодамна беше и тренер на младинскиот тим на „црвените ѓаволи“ до 18 години.
„Кога си вработен во клубот, твоја обврска е секојдневно да го даваш најдоброто за Манчестер Јунајтед. Тоа е принцип со кој се обидувам да живеам и да работам, па затоа ми значеше многу што тој го потврди тоа“, додаде поранешниот играч од средниот ред.
Флечер е 11-тиот менаџер на Јунајтед – привремен или постојан – откако Фергусон, најтрофејниот тренер во историјата на клубот со 13 титули во Премиер лигата и две во Лигата на шампионите, се повлече во 2013 година. „Ѓаволите“ во моментов се на шестото место на табелата во англискиот шампионат со 31 бод од 20 одиграни натпревари.