Драматичен домашен пораз за МЗТ, загрозен пласманот во втората фаза од АБА2 (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје неочекувано го претрпеа вториот пораз сезонава во АБА2, откако во вечерашниот дуел на домашен терен загубија од тимот на Хелиос (70-72), во меч од 3. коло од ова регионално натпреварување.

Ова беше дуел со драматичен финиш во кој гостите од Словенија подобро се снајдоа, но и ги искористија промашувањата на тимот од Аеродром. Составот од Домжале во финишот од средбата направи серија 6- со што ја анулираа солидната предност на македонскиот првак и поведоа со 68-67. Потоа следуваше едно прецизно од две слободни фрлања на Брендон Слај и клучната тројка на Јан Цопот со истекот на нападот за 71-68 за гостите. МЗТ имаше два шута за пресврт и победа, но прво за тројка промаши Војдан Стојановски, а потоа и Марко Баковиќ.

Брендон Слај уште еднаш беше лидер на составот од Аеродром, завршувајќи ја средбата со 20 поени, додека зад него беше Дион Едвин со 17 поени, како единствени во домашниот тим со двоцифрен поентерски ефект.

МЗТ сега се најде во незгодна позиција, со оглед што со скор 1-2 е на третата позиција во својата група, зад Хелиос кој има 3-0 и Цедевита јуниор со 2-1. Во вториот круг одат двете најдобропласирани. Работнички претходно вечерва претрпе уште еден убедлив пораз, овој пат дома од Босна (74-99), додека Пелистер својот меч од третата рунда ќе го одигра следната среда (30 октомври) на домашен терен против Џокер.