Барса му наплати на Баерн за сите трауми (ВИДЕО)

Девет години чекаше Барселона на победа во дуелите против Баерн, во овој период доживеа шест порази во низа и прими 22 гола, но денеска наплати за сите катастрофи што ги претрпе.

Во дербито на третото коло од Лигата на шампионите, каталонскиот клуб како домаќин славеше со 4-1, на крилјата на фантастичниот Рафиња кој ги искористи сите пропусти во одбраната на противничкиот тим. Тој и ја најави победата по амо 57 секунди игра откако доби фантастична топка од Фермин Лопез и го помина Нојер за да ја затресе неговата мрежа.

 

 

Откако го отвори резултатот, Барса беше беше во подредена позиција, прими гол од Кејн кој беше поништен поради минимален офсајд, но неколку минути подоцна Англичанецот го израмни резултатот. Со оглед на иницијативата на гостите, се очекуваше во следниот период да дојде до канонада по голот на Барселона, но се случи спротивното.

Повторно киксираше одбраната на Баерн, па Лопез му асистираше на Левандовски за ново водство на Барса, а пред истекот на првото полувреме Рафиња по додавањето на Касадо ги измеша противничките дефанзивци и донесе предност од 3-1. Во 56. минута, Рафиња со уште еден гол го комплетираше хет-трикот и на фантастичен начин го најави претстојното Ел Класико.

Победата на Барселона не беше највисока вечерва во Лигата на шампионите. Најефикасен беше Манчестер Сити кој со 5-0 ја победи Спарта на домашен терен, а мало изненадување направи Лил кој го победи Атлетико во Мадрид со 3-1. За одбележување е првиот триумф на Динамо Загреб оваа сезона во Лигата на шампионите, со 2-0 на гости кај Салцбург при што двоен асистент беше Стефан Ристовски.

РЕЗУЛТАТИ
Аталанта - Селтик 0-0
Брест - Баер 1-1
Атлетико - Лил 1-3
Барселона - Баерн 4-1
Бенфика - Феенорд 1-3
Манчестер Сити - Спарта 5-0
Лајпциг - Ливерпул 0-1
Салцбург - Динамо 0-2
Јанг Бојс - Интер 0-1