Партизан промаши шут за победа, Виртус во белградскиот пекол стигна до првиот триумф

Таму каде што најмалку се очекуваше, италијанскиот вицешампион Виртус стигна до првата победа во Евролигата оваа сезона.

Тимот од Болоња славеше против Партизан во преполната белградска Арена со 70-69 иако цел натпревар се наоѓаше во подредена ситуација и бркаше негатива. Партизан имаше предност и од девет поени разлика но во последната четвртина тотално зариба и фрли во вода се што градеше претходно.

Во тие десет минути, домашниот тим постигна само осум поени, а до влезот на последната минута кога Љунгберг постигна тројка, беше на едвај пет. Во клучниот напад токму Данецот не се снајде, противничките играчи одиграа добра одбрана на него и тој не успеа да поентира. Сепак, Партизан доби шанса да дојде до победа, Нтиликина доби подарок од противничките играчи, имаше позиција за тројка, но не успеа да погоди.

Со ова, повеќе нема екипи без победа во Евролигата оваа сезона. Виртус сега е на 1/4, додека Партизан има 2/3.