Жесток одговор на Јокиќ, Денвер е „жив“ (ВИДЕО)
Тимот на Никола Јокиќ беше на работ на елиминација, но пред своите навивачи во „Бол Арена“ жестоко одговори, по трите порази по ред по што многумина веќе ги отпишаа. Србинот беше најдобриот поединец на натпреварот со нов трипл-дабл од 27 поени, 16 асистенции и 12 скока и неколку фантастични потези. Јокиќ имаше дабл-дабл во првото полувреме, а тоа го направи со тројка на крајот од втората четвртина.
На почетокот на второто полувреме, Јокиќ го доби она што го немаше во претходните три натпревари во серијата – неочекуван херој во ликот на Спенсер Џонс. Тој беше оној кој, од никаде, врза две тројки за водство на Денвер од 69-54, а набрзо погоди уште една за преднос од 72:55 со што отпорот на Минесота веќе беше скршен.
Во последната четвртина, сè беше повеќе или помалку јасно, разликата беше дури +27 (102-75), па резервите го одиграа остатокот на мечот. Покрај трипл-дабл на Јокиќ, во победничкиот тим беа ефикасни и Џамал Мареј со 24 поени и претходно споменатиот Спенсер Џонс со 20.
За гостите, Џулиус Рендл беше најдобар со 27 поени и девет скока, додека херојот на четвртиот натпревар, Ајо Досунму, постигна 18 поени. Сепак, најголемиот проблем за Минесота, а шанса за Денвер, е тоа што Ентони Едвардс и Донте Дивинченцо, двајца од главните играчи, ќе бидат отсутни до крајот на серијата.
Нагетс ќе сакаат да го искористат тоа и в петок наутро ќе мора да направат брејк во Минеаполис за да ја вратат серијата во Колорадо и да ја однесат до седмиот, одлучувачки натпревар.
Од останатите натпревари, шампионот Оклахома е првиот тим што обезбеди пласман во втората фаза од плејофот откако со 4-0 го победи Феникс.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Детроит 94-88 (3-1)
Феникс – Оклахома 122-131 (0-4)
Денвер – Минесота 125-113 (2-3)