Дивац, конечно, проговори зошто не го избрал Дончиќ: Бев во добри односи со Фокс

Владе Дивац ја направи најголемата грешка во својата кариера во 2018 година. Како генерален менаџер на Сакраменто Кингс, тој го драфтуваше Марвин Бегли наместо Лука Дончиќ, а осум години подоцна, ја објасни својата одлука.

Дончиќ беше драфтуван како трет пик во таа 2018 година од Атланта, само за потоа да биде трејдуван во Далас за Тре Јанг. Сакраменто го имаше вториот пик и го избра Марвин Бегли, кој се покажа како неуспех.

„Всушност, отидов во Мадрид да разговарам со Лука една година пред драфтот. Значи, тој дефинитивно беше на врвот на мојата листа. Но, очигледно, денес изгледа дека направив грешка.

Лука е неверојатен талент, заедно со Никола Јокиќ, еден од најдобрите играчи во лигата. Моето размислување беше следново... Сите помошни тренери ми велеа дека Лука може да игра на позицијата ниско крило. Но, им реков: Не, Лука е плејмејкер. Лука е тренер на теренот. Лука е играч кој е играч кој креира игра. И чувствував дека ако го доведам Лука, ќе морам да го продадам Диерон Фокс.

Веќе изградив однос со Фокс и видов дека може да функционира за нас. За тим од мал пазар, тој беше совршен избор. Лука е играч за голем пазар и чувствував дека дури и да го доведам, можеби ќе го изгубам подоцна. Па тоа беше тешка одлука. Навистина тешка одлука. Да можев да се вратам назад, веројатно ќе го драфтував, но тој сега има одлична кариера“, призна Дивац.

Фокс влезе во НБА една година пред Дончиќ, а по осум сезони во Сакраменто, лани си замина оттаму и се пресели во Сан Антонио. Во Спарс е поголема конкуренцијата и иако одигра 72 натпревари оваа сезона, не ги бележи бројките од порано, но ќе се бори за шампионската титула бидејќи Сан Антонио има одлична екишпа, предводена од Виктор Вембанјама.