Северот владее: „Воините“ потклекнаа, Канада го доби првиот шампион во НБА! (ВИДЕО)

Екипата на Торонто репторс е нов шампион во НБА-лигата, откако кошаркарите на овој тим, како гости, го совладаа досегашниот владетел Голден стејт вориорс (114-110) за вкупни 4-2 во финалната плејоф-серија.

Ова воедно е и прв трофеј за еден тим од Канада и првпат најдобри во најсилната лига на светот да не бидат Американците, што дефинитивно е голем удар за колевката на кошарката. „Воините“ се држеа добро сѐ до третиот период кога по еден незгоден доскок Клеј Томпсон сериозно го повреди коленото. Последна шанса за нив беше шутот за победа на Стеф Кари на 110-111, но беше неуспешен по што следеше техничка грешка и рутинско одработување на задачата од страна на „репторси“.

Кајл Лаури и Паскал Сиакам беа најпрецизните кај Торонто со по 26 поени, додека Kаваи Ленард и Фред фан Влит уфрлија по 22. Кај поразените Томпсон заврши со 30 поени, а Игудала имаше 22 поени. За МВП на финалната серија беше избран Ленард, кој вторпат во кариерата успеа да спречи доминација, откако во 2014 година со Сан Антонио спарс триумфираше над Мајами хит предводен од Леброн Џејмс.