Ниту шампионот не го запре Бостон, Хјустон даде 90 поени за едно полувреме (ВИДЕО)

Во НБА-лигата утринава на програмата беа само два натпревари, на кои беше исклучително интересно особено на дуелот помеѓу Бостон и Голден Стејт.

Бостон ја продолжи победничката серија на 14 натпревари и тоа откако го совлада актуелниот шампион Голден Стејт со 92-88. Домашниот тим на моменти губеше со 17 поени разлика, но успеа да се консолидира во второто полувреме и да го искористи фактот дека ударното трио на противникот не беше на своето ниво. Ова беше прв пораз на Вориорс по седумте победи по ред.

Џејлен Браун со 22 поени беше најефикасен кај Бостон иако младиот 21-годишен кошаркар пред натпреварот дозна за ненадејната смрт на својот најдобар пријател од детството. Ал Хорфорд постигна 18 поени со 11 скока, додека Кајри Ирвинг реализираше 16 поени. Кај Голден Стејт најефикасен беше Кевин Дурант со 24 поени, Клеј Томсон постигна 13, додека Стеф Кари постигна само девет поени. 

Хјустон одигра неверојатно во нападот на гостувањето кај Феникс и славеше со 142 - 116. Враќањето на Крис Пол во тимот беше голем импулс за Рокетс, кои уште во првото полувреме му дадоа 90 поени на противникот. Џејмс Харден беше неверојатен со 48 поени, додека Крис Пол откако пропушти 14 натпревари поради повреда на коленото реализираше 11 поени и 10 асистенции. Со оваа победа Хјустон се искачи на првото место на Западот и на гостински терен има ефект од еден пораз и осум победи.