НБА ужас: Имаа контра „четири на еден“ и сите се наместија да шутнат – тројка (ВИДЕО)

Дека начинот на кој денес се игра во НБА, со преголемото форсирање шутеви за тројка, е нешто што ја уништува привлечноста на натпреварите во најсилната лига на светот, најдобро може да се види од последниот напад на Денвер нагетс во синоќешниот меч против Вашингтон визардс (110-112).

Составот од Колорадо пред самиот крај на мечот имаше контранапад „четири на еден“ преку кој можеше да дојде до продолжение, со оглед на празниот рекет на противникот, но наместо на положување, сите кошаркари на овој тим се наместија да си шутнат – тројка. Ваква аматерска грешка не би си дозволиле ниту деца кои допрва почнуваат да играат кошарка, а не, пак, професионалци кои заработуваат милиони. Но, новиот карактер на НБА и форсирањето тројки влегува во психата на играчите, кои почнаа дури и во вакви лесни ситуации како од тренинг да бегаат од рекетот и да се местат на тоа што е најлесно – да си шутнат од далечина.

Ветеранот Кампацо беше егзекуторот за тројка, но промаши, па кошаркарите на Денвер наместо лесно да дојдат до дополнителни пет минути, теренот го напуштија со наведнати глави.