
Маестрална партија на Гилџес Александер, Оклахома дојде до посакуваниот брејк (ВИДЕО)
Работата може да ја заврши веќе на следниот меч кој го игра на домашен терен, а ако Гилџес Александер биде на истото ниво како на третиот натпревар, нема дилема дека тоа ќе се случи. Канаѓанецот одигра маестрална партија, беше на чекор од трипл дабл, постигнувајќи 40 поени, 10 асистенции и 9 скока иако не смее да не се спомне изданието на Џејлен Вилијамс кој броеше до 34.
Победата на Оклахома беше апсолутно заслужена ако се знае дека овој тим водеше безмалку во сите 48 минути. Предноста не беше превисока, но во првата четвртина имаше +9, во третата првпат двоцифрена (68-57), а финишот сепак беше неизвесен. На 23 секунди пред крајот Минесота се доближи на 121-123, Гилџес Александер нешто подоцна промаши едно слободно фрлање и му даде шанса на домашниот тим, Рид намали на 125-126, но останаа само седум секунди, па канадскиот кошаркар од линијата ја однесе својата екипа на недостижни +3.
Александер Вокер беше најдобар играч на Минесота со 23 поени, а повторно потфрли Ентони Едвардс кој постигна 16, но со лош шут од игра (5/13) и загуби пет топки. Петтиот меч се игра на теренот на Оклахома која ќе ја има првата меч топка за пласман во големото финале.