Легендарниот Дуда Ивковиќ меѓу финалистите за влез во НБА Куќата на славните

Поранешниот селектор на Југославија и Србија, Душан Ивковиќ се наоѓа меѓу финалистите во изборот за „Класата 2025“ за влез во НБА Куќата на славните.

Популарниот Дуда е на скратениот список од 17 кошаркарски личности од кои ќе се изберат новите „жители на Спрингфилд“. Ивковиќ е еден од најуспешните европски стручњаци, освои се што можеше во кошарката на клупско и репрезентативно ниво, со исклучок на Олимписките игри, но и таму има сребрен меда, од Сеул во 1988 година. Врв на неговата кариера беше неверојатната доминација на Европското првенство во Загреб во 1989 кога Југославија под негово водство стигна до титулата, притоа победувајќи ги своите ривали со просечна разлика од 17 поени.

Останатите финалисти во изборот за влез во НБА Куќата на славните се: Олимписката репрезентација на САД од 2008 година, играчите Кармело Ентони, Двајт Хауард, Маркис Џонсон и Џери Велш, судијата Дени Крофорд и тренерите Били Донован и Марк Фју, сите од Северна Америка, потоа кошаркарките Џенифер Ази, Сју Бирд, Силвија Фоулс, Маја Мур и Молин Болин, сите од женската кошарка, Душан Ивковиќ од меѓународната кошарка и Мики Ерисон и Тал Броди од оние кои имаат придонес во кошарката.

Конечниот список на нови членови на НБА Куќата на славните ќе биде објавен на 5 април во Сан Антонио, за време на завршниот турнир од НЦАА, а приемот на „Класата 2025“ е закажан за 6 септември во Спрингфилд.