Кукоч: Играчите во НБА се разгалени, тешко би го издржале Обрадовиќ

Легендарниот хрватски кошаркар Тони Кукоч имаше свој коментар и во врска со евентуалниот ангажман на Жељко Обрадовиќ во НБА лигата.

Српскиот стручњак има 64 години и еден куп трофеи во својата тренерска кариера, но години наназад се нагаѓа како би се одвивала таа ако отидеше во НБА и дали би ги имал истите успеси.

„Ако се земе неговото кошаркарско знаење, сигурно би успеал. Неговиот начин на комуникација со играчите, не знам дали американските кошаркари би го издржале тоа. Но, тоа е на нив, а не на тренерите. Играчите се разгалени, на нив многу влијаат парите, колку повеќе заработуваат, толку помалку им се игра. Да се биде тренер денес значи дека мораш да си и родител и учител и доктор и психолог“, смета Кукоч.

Поранешниот репрезентативец на Југославија и Хрватска е надвор од кошарката откако ја заврши кариерата и вели дека никогаш не планирал да се врати во друга улога.