Избрани сите најдобри ѕвезди во НБА – Венбанјама ќе дебитира, а Јанг пак извиси!
На Истокот, освен стартерите избрани од фановите – Џејлен Брансон, Донован Мичел, Јанис Адетокунбо, Џејсон Тејтум и Карл-Ентони Таунс – селектирани се и Џејлен Браун (Бостон), Паскал Сијакам (Индијана), Дариус Гарланд (Кливленд), Кејд Канингем (Детроит), Еван Мобли (Кливленд), Дејмијан Лилард (Милвоки) и Тајлер Хиро (Мајами). Големото изненадување е изоставувањето на Тре Јанг, кој по вторпат е изоставен и покрај импресивниот просек од 22 поени и 10 асистенции. На Западот, пак, на веќе избраните Стеф Кари, Шеј Гилџес-Александер, Кевин Дурант, Леброн Џејмс и Никола Јокиќ ќе им се придружат Ентони Едвардс (Минесота), Ентони Дејвис (Лејкерс), Џејмс Харден (ЛА Клиперс), Џерен Џексон (Мемфис), Алперен Шенгун (Хјустон), Џејлен Вилијамс (Оклахома) и Виктор Вембанјама (Сан Антонио). За француската сензација од тимот од Тексас ова ќе биде прво учество на олстар-натпревар, иако е само во својата втора НБА сезона.
Годинашното издание носи нов систем на игра – наместо традиционалниот дуел меѓу конференциите, избраните 24 кошаркари ќе бидат распределени во три екипи од по осум, предводени од Чарлс Баркли, Кени Смит и Шекил О’Нил. Четвртиот тим ќе биде составен од најдобрите играчи од „ѕвездите во подем“, со Кендас Паркер како тренер. Ждрепката ќе ги одреди полуфиналните дуели, а победниците ќе се соочат во финалето, каде триумфира тимот што прв ќе стигне до 40 поени.