Навивачите на Вашингтон се мајтапеа со синот на Леброн Џејмс (ВИДЕО)

Вашингтон Визардс одамна не е меѓу конкурентните тимови во НБА, па навивачите во главниот град на САД бараат други начини да уживаат во натпреварите.

„Волшебниците“ синоќа на домашен терен беа поразени убедливо од ЛА Лејкерс (134-96) во меч во кој наместо да навиваат за својот тим си тераа мајтап со Брони Џејмс. Синот на Леброн ја одигра целата последна четвртина, кога исходот веќе беше решен и запиша пет поени, два скока, две асистенции и една украдена топка. Иако неговата реализација од поле беше слаба (1/6), единствениот погодок од игра го постигна на спектакуларен начин, над српскиот интернационалец Тристан Вукчевиќ.

Во тој момент, атмосферата во арената повеќе наликуваше на онаа во Лос Анџелес, бидејќи публиката со овации го прослави неговиот кош, како да станува збор за освојување на титула од Вашингтон. Овој ентузијазам е, се разбира, со голема доза на иронија, бидејќи Џејмс јуниор во НБА повеќе е гледан како „синот на Леброн“ отколку како сериозен кошаркар, а за многумина претставува туристичка атракција наместо вистински конкурентен играч.

Со оваа победа, Лејкерс стигнаа до 27. триумф сезонава и сега се на само една победа зад Денвер, кој се наоѓа на четвртото место во Западната конференција.