Лазаров: Чудото на Хрватска е доказ дека во ракометот не секогаш победува подобриот!
„Коцкестите“ доминираа во првото полувреме, во неколку наврати водејќи со осум, а во еден момент и со девет голови разлика, а Французите не успеаја да се вратат во игра, иако во вториот дел се обидоа со поагресивна одбрана. Легендарниот ракометар и селектор на Македонија, Кире Лазаров, им честиташе на Хрватите за овој успех.
„Честитки од срце. Ова е доказ дека во спортот не победуваат секогаш подобрите, туку оние кои повеќе го сакаат триумфот. Хрватска беше подготвена, борбена и заслужено е во финалето“, изјави Лазаров за хравтските медиуми.
Тој истакна дека Франција не била подготвена за ваква тактичка игра на Хрватите и дека селекторот Гијом Жил направил клучни грешки.
„Франција не предвиде ваква Хрватска. Очекуваа стандардна 5-1 одбрана, но тешко ја пробиваа. Потрошија 25 минути во првото полувреме за да најдат решение, а до тогаш веќе губеа со многу голови разлика“, анализираше Лазаров.
Франција во второто полувреме се обиде со поагресивна 3-3 одбрана, но Хрватска ја задржа предноста и ја запечати историската победа. Лазаров ги пофали сите играчи, а особено го истакна тандемот Мартиновиќ – Кузмановиќ, кои одиграа извонредно. Хрватите во финалето ќе се соочат со победникот од денешниот дуел помеѓу Португалија и Данска, а според Лазаров, кого и да го добие за противник, ќе му биде исклучително тешко против ваква Хрватска.