Хрватскиот херој славеше во дрес на соиграч претепан од – српски ракометар (ФОТО)
По големата победа, десното крило Филип Главаш го прослави триумфот носејќи дрес на голманот Матеј Мандиќ, кој не можеше да настапи поради повреда здобиена во пресметка со клупскиот колега, Србинот Милош Кос. Иако ослабени од повреди, хрватските ракометари одиграа како во транс и ја елиминираа фаворизираната Франција. Поразот ги шокираше Французите, а нивната легенда Никола Карабатиќ изјави: „Не знаевме што нè снајде!“.
Мандиќ не настапи на првенството бидејќи претходно беше повреден во инцидент во соблекувалната на РК Загреб. Неговиот соиграч Кос го удрил по натпреварот со Нант, нанесувајќи му фрактура на вилицата, по што голманот морал на итна операција. По овој инцидент, Србинот доби отказ во Загреб и кариерата ја продолжи во германскиот Ерланген. Јавно му се извини на Мандиќ, со кого се познава уште од младинските денови.
Фотографијата на Главаш во дресот на Мандиќ ја објави Хрватскиот ракометен сојуз како симбол на сплотеноста во тимот, дури и со оние кои не можат да бидат на теренот.