Хјустон му покажа на шампионот дека нема лесно да си помине! (ВИДЕО)

Кога ќе се судрат актуелниот шампион и најдобриот тим од новата сезона, не може и не смее да е извесно и лесно. Затоа, Хјустон не пропушти да го искористи вториот натпревар на домашен терен против Голден стејт за да победи и да го изедначи резултатот на 1-1.

За разлика од првиот меч, „Ракетите“ сега беа многу подисциплинирани во одбрана и фантастични во нападот. Постигнаа 16 тројки, а од нив 11 беа дело на Ерик Гордон и Пи-Џеј Такер, првиот со шест, вториот со пет.

Хјустон имаше 19 разлика на двапати, еднаш во вториот и еднаш во третиот период, но четвртиот почна некако со обид на Голден стејт да се врати, бидејќи намали на 11 разлика. Меѓутоа немаше ништо од тоа, туку следуваше серија од 19-2 на Хјустон и разлика преку 20 поени, која беше недопирлива.

Гордон и Харден броеја по 27 поени, Такер застана на 22, а прв стрелец на мечот беше Кевин Дурент со 38 коша. Серијата сега ќе се пресели во Оукленд, со третиот натпревар, предвиден за ноќта недела кон понеделник.