Го нема Дејвис, тука е Хачимура - Лејкерс не се откажуваат од место во плејофот (ВИДЕО)

Јапонскиот репрезентативец Руи Хачимура одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава и е најзаслужен што Лејкерс славеа на гостувањето кај Мемфис со 136-124.

Во тимот го немаше Ентони Дејвис кој го повреди колкот во маратонскиот дуел против Милвоки, една ноќ претходно, но тука беше Хачимура за да го замени. Јапонецот потсети на своето издание од првата рунда на плејофот минатата година, исто така со Мемфис и го казни тоа што противничките играчи не поведоа повеќе сметка за него.

Го заврши натпреварот со дабл-дабл од 32 поена и 10 скока, но погоди седум тројки од осум шута. Му помогна и Леброн Џејмс со трипл дабл од 23 поени, 14 скока и 12 асистенции, но и останатите играчи беа на завидно ниво. Бејн со 26 и Ларавија со 25 поени беа најдобри во тимот на Мемфис.

Ова е петта победа по ред за Лејкерс кои не се откажуваат од директно место во плејофот бидејќи од шестопласираниот Далас заостануваат само две победи, на девет натпревари пред крајот на основниот дел од сезоната.

РЕЗУЛТАТИ
Шарлот - Кливленд 118-111
Орландо - Голден Стејт 93-111
Вашингтон - Бруклин 119-122
Атланта - Портланд 120-106
Филаделфија - ЛА Клиперс 107-108
Торонто - Њујорк 101-145
Чикаго - Индијана 125-99
Мемфис - ЛА Лејкерс 124-136
Минесота - Детроит 106-91
Оклахома - Хјустон 126-132
Јута - Сан Антонио 111-118
Денвер - Феникс 97-104