Батлер си помина како „бос по трње“ на првото враќање во својот Мајами (ВИДЕО)

Поранешната ѕвезда на Мајами хит, Џими Батлер, имаше незаборавно враќање во својот стар дом, но не на начин кој ќе го посакаше, откако неговиот нов тим Голден Стејт вориорс, беше целосно надигран и претрпе убедлив пораз со 86-112.

„Воините“ играат далеку подобро по доаѓањето на Батлер и влегоа во плејоф-зоната, но против Мајами не успеаја да најдат решение. Навивачите во „Касеја Центар“ го поздравија со почести, не заборавајќи го неговиот придонес за големите финалиња во 2020 и 2023 година, но на паркетот, домаќините беа немилосрдни. „Жешките“ доминираа од самиот почеток, отворајќи со серија од 7-0, а Вориорс не успеаја ниту еднаш да поведат или да го израмнат резултатот. Во второто полувреме предноста на Хит постојано беше двоцифрена, а последната четвртина (29-16) го стави печатот на поразот на гостите.

Бам Адебајо, Тајлер Хиро и Алек Буркс беа клучните играчи за Мајами, комбинирајќи 64 поени. На спротивната страна, Џонатан Куминга беше најефикасен со 15 поени, додека Батлер запиша само 11 поени за 29 минути на теренот. Голден Стејт настапи без својот лидер, Стеф Кари, кој беше отсутен поради повреда.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Орландо 104-111, Детроит – Сан Антонио 122-96, Мајами – Голден Стејт 112-86, Њујорк – Далас 128-113, Хјустон – Атланта 121-114, Јута – Мемфис 103-140, Портланд – Кливленд 111-122, Сакраменто – Оклахома 105-121.