Чешки тинејџер приреди сензација и против Ѓоковиќ ќе игра за трофејот во Мајами

Тенисерот од Чешка, Јакуб Меншик првпат во кариерата ќе игра финале на еден Мастерс турнир откако ноќеска го победи третиот носител во Мајами, Тејлор Фриц со 2-1 (7-6, 4-6, 7-6).

Меншик има само 19 години, а на Флорида оствари неколку значајни резултати, имајќи предвид дека во второто коло го елиминира победникот од Индијан Велс, Џек Дрејпер, потоа Сафиулин и Махач, за синоќа да го совлада и четвртиот светски рекет. На турнирот влезе како 54. на АТП листата, а во најлош случај ќе си замине како 30-пласиран.

Младиот Чех покажа неверојатни квалитети на мечот со Фриц, но најмногу од се, доминираше благодарение на сервисот. Оствари 25 аса, наспроти 14 на Фриц од кои двоцифрен број во првиот и третиот сет, кои ги доби во своја корист. Дозволи само еден брејк и тоа во првиот гем од вториот сет.

Во финалето, Меншик за противник ќе го има Новак Ѓоковиќ со кого досега играше самоа еднаш, во четвртфиналето од Мастерсот во Шангај минатата сезона и загуби со 1-2. Србинот сега ја брка својата 100. титула во кариерата и може да се очекува голема борба.