
Флик и Лапорта бесни на Фати: Остави ја „десетката“, не си достоен за неа
По заминувањето на Меси, две години „десетката“ немаше сопственик за лани да ја преземе Ансу Фати. Еден од најголемите таленти на Барселона одлично ја почна професионалната кариера, но го нападнаа повреди и во моментов е последна опција во тимот на Ханси Флик.
Клубот се обиде да се ослободи од него во јануарскиот преоден рок, ама Фати не се согласи да си замине бидејќи има уште две години од договорот според кој заработува 13 милиони евра по сезона. Јасно е дека никаде не може да ги добие тие пари и затоа не му се мрда од Барса, а тоа ги иритира и Флик и претседателот Жоан Лапорта.
Флик е нервозен затоа што Фати не се ни труди да се избори за место во тимот, за разлика од младите сили во екипата. Лапорта, пак, е бесен бидејќи тоа што Фати ја носи „десетката“ му прави финансиска штета на клубот. Тоа е број кој во минатото носел големи приходи и поинаку би било сега да е во сопственост на Јамал, Левандовски, Педри, Рафиња или некој друг од стандардните играчи. Двајцата се обиделе да го убедат барем да го остави бројот 10 на некој друг и постои веројатност идната сезона да го добие Јамал, но повторно се зависи од тоа дали Фати ќе си замине или ќе остане.