Жељко многу им викал: Кошаркар на Партизан ја откри тајната за победата над Ц. Звезда!

Двејн Вашингтон беше еден од клучните херои во синоќешната победа на Партизан против Црвена звезда (79-76), откако натпреварот го заврши како најефикасен со 25 поени и две асистенции, а по мечот тој посебно се осврна на промените во тимот по заминувањето на Жељко Обрадовиќ.

Според него, новиот тренер Мирко Оцокољиќ донел мир, доверба и поддршка во соблекувалната – нешта што, како што вели, му биле неопходни на тимот во турбулентниот период.

„Ни верува. Откако го презеде тимот, не викаше на нас, ни дава поддршка и добри совети, а тоа ни носи самодоверба. Навистина е добро да го имаме за тренер“, изјави Вашингтон, алудирајќи на промената што следеше по заминувањето на трофејниот стратег, кој е познат по урлањето на своите пулени.

Американецот призна дека победата во дербито имала огромно значење за тимот и за навивачите.

„Многу сум среќен што победивме. Ова ни беше неопходно – за самодовербата, за навивачите и за Партизан како клуб. Знаеме што значи дербито за црно-белото семејство“, истакна Вашингтон.

Тој се осврна и на гласините за негово евентуално заминување од клубот, нагласувајќи дека е целосно посветен на Партизан.

„Тука сум и среќен сум што сум тука. Доаѓам да играм кошарка – тоа е мојата работа. Благодарен сум што сум во Србија, што учам и напредувам“, порача тој.

На крајот, призна дека тежок момент бил и мечот против Баерн, кога добиле свирежи од навивачите, но истакна дека од тоа искуство извлекол поука.

„Разбрав дека било тешко за сите. Ми требаше време да го сфатам тоа. Сега сме на подобро место. Не сме таму каде што сакаме, но сме на вистинскиот пат“, заклучи Двејн Вашингтон.