Има три победи без пораз со Партизан, ама уште не е сигурен дека ќе остане прв тренер!

Кошаркарите на Партизан во последниот период бележат значајни победи во Евролигата и во АБА лигата, со Мирко Оцокољиќ на клупата како привремено решение, тоа не значи дека искусниот помошник на поранешниот тренер Жељко Обрадовиќ ќе ја добие довербата за целосен мандат.

Во клупските кругови е јавна тајна дека претседателот Остоја Мијаиловиќ и управата инсистираат на ангажман на звучно тренерско име по оставката на најтрофејниот европски стратег. Во изминатиот период како можни решенија се споменуваа неколку тренери, меѓу кои Андреа Тринкиери и Жоан Пењароја. Само неколку дена пред првото големо сезонско дерби со Црвена звезда, црно-белите официјално ги демантираа информациите за договор со Пењароја, по што вниманието повторно се насочи кон улогата на Оцокољиќ, кој засега има три победи без пораз.

По победата во „Белградска арена“, спортскиот директор на клубот, Жарко Паспаљ, истакна дека Оцокољиќ останува важен дел од системот, без разлика на идната функција.

„Тој секогаш ќе биде тука, во оваа или во некоја друга улога. Мирко е еден од најдобрите кадри што Партизан ги има со години, заедно со Аца Матовиќ и Бата Зимоњиќ. Тоа нема да се промени. Дали ќе биде главен тренер – ќе видиме“, изјави Паспаљ, кој неодамна го наследи Зоран Савиќ по неговата оставка.

Легендарниот кошаркар дополнително го пофали тимот и атмосферата во салата, нагласувајќи ја силната врска меѓу Партизан и неговите навивачи.

„Ова е Партизан, ова се навивачите. Беа со екипата и кога беше минус 16. Ова го гледаме последните четири години и нема врска со тоа кој е тренер. Затоа овие луѓе купуваат билет. Играчите прикажаа пристојна партија, со многу возбудувања, и се надевам дека навивачите се среќни“, додаде Паспаљ.

Тој призна дека не бил целосно уверен во пресвртот и победата, но потенцираше дека токму карактерот на тимот бил пресуден.

„Искрено, не би сакал повторно ваква неизвесност, но ова е трета победа по ред и тоа во дерби. Во еден момент навистина изгледаше дека губиме, но момците покажаа карактер, одиграа најдобро кога беше најтешко и заслужуваат честитки. Ова само покажува колкав потенцијал има овој тим и колку уште може да напредува“, заклучи спортскиот директор на Партизан.

ФОТО: EPA PHOTO