Урнебесно: Во Дортмунд тревата се коси додека ечи балкански хит на Ален и Индира (ВИДЕО)
Германскиот клуб објави видео од одржувањето на тревникот на својот стадион, на кое се прикажани двајца вработени како синхронизирано ја косат тревата, облечени во клупска опрема и со слушалки на ушите, управувајќи косилки како да се наоѓаат зад волан. За музичка подлога е избрана песната „Лопов“ во изведба на Ален Исламовиќ и Индира Радиќ, а администраторот на социјалните мрежи на Борусија направи и игра на зборови – наместо стихот „Знам ја ко си ти“, во описот на видеото стои „Знам ја косити“, проследено со емотикон од трева.
Со ваквиот потег, Борусија Дортмунд дополнително се приближи до публиката од Балканот, пуштајќи песна и текст на јазик разбирлив за народите од регионот. Клубот на ТикТок има околу 18 милиони следбеници, а објавата предизвика бројни позитивни реакции. Во коментарите се појавија пораки како „Да го балканизираме светот“ и „Админот на Борусија е наш“, што уште еднаш ја потврди одличната комуникација на клубот со навивачите.