Детроит продолжува да гази, спектакуларни враќања на Стеф Кари и Ембид (ВИДЕО)
За разлика од Кари, чиј учинок не беше доволен за победа на Голден Стејт, Ембид го предводеше Филаделфија до нов триумф. „Сиксерси“ славеа на гостувањето кај Индијана (115-105), а центарот, по паузата поради повреда на коленото, одигра натпревар за паметење. Камерунскиот Американец беше убедливо прво име на мечот со 39 поени, девет скока и три асистенции, покажувајќи дека се враќа во препознатливата доминантна форма. Индијана успеа да добие само една четвртина, а Филаделфија без поголеми проблеми дојде до четвртата победа во последните пет натпревари.
Најдраматично беше во „Чејс центарот“, каде што Кари се врати по пет пропуштени натпревари и веднаш потсети зошто е лидер на „воините“. Капитенот на Голден Стејт постигна 39 поени, пет скока и пет асистенции, но и покрај неговата одлична партија, тимот загуби од Минесота (120-127).
Во останатите натпревари од ноќта, Кливленд со многу мака славеше над Вашингтон со 130-126, предводен од Донован Мичел кој уфрли дури 48 поени. Мемфис изненадувачки загуби на домашен терен од Јута (126-130), каде Кионте Џорџ блескаше со 39 поени. Далас рутински го совлада Бруклин со 119-111, додека Детроит убедливо ја надигра Атланта со 142-115 и остана лидер на Истокот со скор 20-5. Чикаго, пак, по серија од седум порази конечно се радуваше на победа, триумфирајќи над Шарлот со 129-126.