Претседателот на РК Металург тајно ставен за делегат на меч во - кошарка!

Со огромно изненадување се соочија раководните луѓе во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) кога во текот на денешниот ден биле известени дека делегат на првиот натпревар од воведната квалификациска рунда помеѓу Карпош Соколи и естонски Калев ќе биде – Зоран Цветановски.

Станува збор за име добро познато за јавноста кај нас, но во сосема друг спорт. Имено, Цветановски е поранешен ракометар, некогашен портпарол, па генерален секретар, а сега и претседател на ракометниот гигант Металург. За предводниците на македонската кошарка ова е скандал од невидени размери бидејќи македонската федерација воопшто не била информирана за еден ваков преседан, човек кој нема никакви допирни точки со кошарката ниту со МКФ да биде делегиран за ваков меѓународен дуел од највисок ранг. Според информациите од Куќата на кошарката, Цветановски досега никогаш не бил официјално лице на кошаркарски меч, па е максимално дискутабилно како и со што заслужил една ваква номинација, каква што досега немале многу реномирани и признати македонски делегати.

„Ова е нешто невидено. Лути сме и револтирани од потегот на ФИБА која делегирала човек кој нема никаква врска со нас. МКФ има делегати со европска лиценца, кои инвестираат во себе и кои ги имаат положено потребните испити. Како ние потоа да ги мотивираме да напредуваат, да вложуваат во сопствениот труд кога вакви личности кои не се воопшто дел од кошаркарскиот спорт ги ставаат делегати на меѓународни средби. Цел ден сме на линија со ФИБА, бараме објаснување и подготвени сме да одиме до самиот крај за да ставиме крај на ваквиот дилентатизам. Кое е кошаркарското знаење на дотичниот, како ќе се снајде ако настане проблем? Дали воошто ги познава кошаркарските правила? Тоа се прашања на кои сѐ уште немаме одговор, а искрено се надевам дека нема да бидат причина за некоја проблематична, па и скандалозна ситуација на мечот на Карпош Соколи“, ни изјави Моника Гавриловска, генералниот секретар на МКФ.

Средбата на македонскиот вицешампион почнува во 17 часот во салата „Борис Трајковски“ каде што е слободен влезот. Реваншот е задутре во Талин.

Претседателот на РК Металург „смени“ спорт за хонорар од - 200 евра

Хонорарот кој првиот човек на ракометниот гигант од Автокоманда ќе го добие за привременото менување на спортот за хонорар е во сосема скромни рамки за меѓународни услови односно за средби под капата на ФИБА. Цветановски за тезгата во Лигата на шампионите ќе заработи 200 евра што е двојно помалку од тројцата судии на мечот помеѓу Карпош Соколи и Калев од Естонија.