Кошаркарите на Карпош Соколи со негатива ќе патуваат на реванш-натпреварот од првата квалификациска рунда во Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА, откако попладнево загубија во мечот на домашен терено против естонски Калев со 79-87 (18-25, 21-17, 23-16, 17-29).

Лошата игра во дефанзивата во последниот период и тоа скапо ги чинеше иако во текот на второто полувреме во неколку наврати беа во позитива од двеет поени. „Соколите“ како да снемаа сила за решавачките моменти, направија еден куп грешки во одбрамбените задачи кои го доведоа до лудило тренерот Борче Даскаловски. Сето ова резултира со еден куп примени поени во четвртиот дел од играта (17-29) поради што им останаа само минимални шанси да стигнат до следната фаза од ЛШ.

Тадеус Мекфејден со 23 поени беше најпрецизен кај тимот од Карпош, но со лош шут за тројка (1/8). Кире Николовски средбата ја заврши со 16 поени, а Ненад Делиќ реализира 14 поени. Мазеика и Јоесар со 19 односно 18 поени беа најдобри кај Калев.

Веднаш по вечерашниот дуел, двете екипи со ист авион патуваат за Талин каде што задутре ќе биде одигран реванш пресметката од оваа воведна квалификациска рунда.