„Соколите“ ја освоија Естонија, но не се пласираа во следната фаза од Лигата на шампионите!

Кошаркарите на Карпош Соколи останаа без пласман во втората квалификациска рунда од Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА иако вечерва триумфираа на гостувањето кај естонскиот тим Калев со 81-78.

Лошо одиграната последна четвртина на првиот меч во Скопје се покажа како клуичен фактор за елиминацијата на „соколите“, кои вечерва во Талин покажаа дека имаат европски потенцијал и дека тоа било само лош ден, а не резултат на квалитетот со кој располага македонскиот вицешампион. Избраниците на тренерот Борче Даскаловски постојано ја имаа иницијатива на вечерашниот меч, но не успеаја да ја надополнат негативата од осум поени во првата средба во Скопје.

Карпош Соколи имаше четворица екстремно расположени играчи навечерашниот меч кои остварија двоцифрен поентерски ефект, но останатите не ја дадоа потребната помош за да се направи клуниот чекор кон второто квалификациско коло од ЛШ. Џејлен Браун со 19 поени беше најефикасен, а Дарко Соколов, Тадеус Мекфејден и Кирил Николовски реализираа по 16 поени.

„Соколите“ сега ја чекаат одлуката на ФИБА дали ќе им одобрат настап во групната фаза од нивното второ по квалитет клупско натпреварување, ФИБА Еврокупот.