Шортс со Париз во финалето од Еврокупот

Екипата на Париз е прв финалист во Еврокупот откако вечерва славеше и во вториот меч од полуфиналната серија против Лондон Лајонс.

Францускиот тим дојде до триумфот како гостин, со 93-85 и со вкупен резултат 2-0 се избори за место во финалето кое освен титула, носи и пласман во Евролигата. Тоа е вкупно четврта победа на Париз против Лондон оваа сезона, по двете во групната фаза каде исто така доминираше овој тим.

Повторно најдобар играч на Париз беше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој е и најсериозен кандидат за признанието за МВП на сезоната. За 27 минути во игра, тој постигна 21 поен, 5 асистенции и 4 скока, а далеку зад него останаа Херера и Хифи со по 13 поени.

Во финалето, Париз ќе игра со подобриот од серијата меѓу Бурж и Бешикташ каде резултатот е 1-1 и ќе се игра „мајсторка“. Финалната серија почнува на 9 април и против кого и да игра, предноста на домашен терен ќе ја има Париз.