Ништо не му оди на Партизан - и Тринкиери го „откачи“

Иако се чинеше дека Андреа Тринкиери дефинитивно ќе се врати во Партизан и ќе го преземе тимот по заминувањето на Жељко Обрадовиќ, најверојатно од тоа нема да има ништо.

Медиумите во Србија пред два дена информираа дека сè е договорено, а Тринкиери требаше да го преземе тимот по дуелот од Евролигата против Баерн, кој е закажан за четврток вечер. Тимот на тој меч ќе го предводи Мирко Оцокољиќ кој е привремен тренер на Партизан. Веста дека Тринкиери не се враќа ја објави италијанскиот новинар Матео Андреани.

„Андреа Тринкиери конечно одлучи да ја отфрли понудата на Партизан, без оглед на оптимизмот од претходните денови. Не е лесно за Партизан бидејќи и неколку играчи го одбија клубот“, напиша Андреани.

Засега е неизвесно што стои зад ваквата одлука на Тринкиери, но не е исклучено да се повторува „случајот Миротиќ“ кој пред две години го стресе Партизан.