Димитријевиќ го наполни кошот на Басконија, но промаши шут за победа на Валенсија

Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ имаше добра ноќ против Басконија и успеа да постигне 15 поени, три скокови и шест асистенции, но не успеа да постигне важен кош и Валенсија загуби со 79-80.

Првиот дел од мечот го одбележа добра игра од двете екипи, а на крајот заврши 21-21, по што исчекор во втората четвртина направи Басконија, која на паузата меѓу двете полувремиња замина со 43-35.

Водството на Басконија се зголеми и на +10 (63-53), но Димитријевиќ и неговите колеги не се откажуваа од пресврт до кој стигнаа во самата завршница (77-75). Басконија го врати водството и поведе со 80-79, по што Димитријевиќ доби шанса да погоди за победа, но не ја искористи.

Македонецот беше втор најдобар кошаркар во Валенсија, додека пред него беше Лопез-Аростеги со 17 постигнати поени.

Ова е прв пораз за Валенсија во четвртфиналето на АЦБ-лигата против Басконија, а следниот меѓусебен дуел го играат на 28 мај.