Дебито е утре: Перо Антиќ по две децении пак ќе (за)игра за клуб од Македонија!

Без разлика што низ годините наназад најавуваше дека ако некогаш се врати во Македонија ќе заигра за МЗТ Скопје односно за Работнички, трикратниот европски шампион Перо Антиќ својот домашен камбек ќе го направи во дресот на – Гостивар.

Според нашите информации, неговото неофицијално деби во составот на гостиварскиот прволигаш ќе се случи утре и тоа на пријателскиот натпревар против МЗТ Скопје (12 часот). Антиќ во моментов е без клуб, откако му завршија договорните обврски кон Фенербахче односно Црвена звезда каде што ја мина минатата сезона како позајмен кошаркар, па тренира со екипата во која е и акционер. Поранешниот македонски репрезентативец пред една година влезе во управата на тимот од Западна Македонија, во периодот кога мораше да се преструктуира во акционерско друштво по промоцијата во Првата лига.

За Антиќ ова ќе биде прв натпревар за домашна екипа по речиси две децении и тоа од периодот кога како јуниор настапуваше за Работнички кон крајот на минатиот милениум. Во 2001 година направи трансфер во грчки АЕК, од каде што почна неговото искачување кон ѕвездите. Неговото име веќе е во историјата на макбаскетот и тоа не само како трикратен шампион на Европа (двапати со Олимпијакос и еднаш со Фенербахче) туку и како прв Македонец кој заиграл во НБА-лигата, по двегодишниот престој во Атланта хокс.