УЕФА го казни Вардар со 250.000 евра и условна казна од три години!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб добил казна од Европската куќа на фудбалот (УЕФА) во висина од 250.000 евра и условна казна од три години да не се повтори делото за сезоната 2023/24.

Извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски информира УЕФА ги казнила „црвено-црните“ поради лошо финансиско работење, како и двојни договори и фалсификати кои се правеле во таа сезона.

Клубот ќе биде под тригодишна условна казна, односно надзор и секое ново прекршување на правилата на УЕФА би можеле да донесат до сериозни казни.

„За сезоната 23/24 Вардар е казнет со 250.000 евра од УЕФА и условна казна од три години да не се повтори делото. Поради двојни договори и фалсификати направени во таа сезона. УЕФА правела 10 месеци ревизија во Вардар во изминатиот период“, кажа Неделковски на денешниот брифинг.

Неделковски кажа дека случајот со двојните договори со фудбалери и фалсификувани документи е пријавен и до надлежните институции, односно е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО). Неправилностите во клубот се утврдени пред доаѓањето на новиот сопственик на Вардар.