Трипл-дабл на Андерсон, Охрид го шокира Феникс

Дебитантот во Првата македонска кошаркарска лига Охрид си ги зголеми шансите за опстанок откако вечерва славеше изненадувачка победа на гостувањето кај Феникс.

Охриѓани триумфираа во „Јане Сандански“ со 100-90 што е нивна втора победа во последните три кола, а вкупно петта во сезоната. Со неа ја прескокнаа Академија ФМП, а се израмнија со Кожув на деветтата позиција на табелата.

Шокантен за Феникс беше почетокот на натпреварот, резултатот беше израмнет само шест секунди, Охрид отвори со 6-0, во петтата минута водеше со 18-5, а на крајот од првата четвртина имаше огромни 39-15. Таквата игра продолжи и во вториот квартал во кој гостите ги достигнаа највисоките +28 (58-30) иако во последните 90 секунди Феникс направи 8-0 за пред паузата да ја намали негативата.

Во вториот дел домашниот тим покажа знаци на будење, до крајот на третата четвртина намали на 10 поени (66-76), а во последните три минути влезе со само четири поени негатива (85-89). Бруер потоа постигна четири поени по ред и стави точка на сите дилеми.

Денешниот натпревар беше историски за Охрид од два аспекта: Мајкл Андерсон стана прв играч во постоењето на клубот со трипл-дабл во Првата лига, постигнувајќи 23 поени, 10 скока и 10 асистенции, а екипата ја оствари првата победа како гостин на натпревар од елитната конкуренција. Бојан Трајковски од Феникс беше блиску до неговиот ефект, завршувајќи го мечот со 26 поени, 13 скока и 6 асистенции.