На само 3,3 секунди до крајот на третата четвртина од третиот натпревар од плејоф-финалето помеѓу МЗТ Скопје и Пелистер се случи сериозен инцидент, кога навивачите на гостинскиот тим прво влегоа во дуел со дел од редарската служба и ја пробија заштитната ограда на трибините во „Јане Сандански“, по што реагира полицијата и ги примора да се смират.

Реакцијата на припадниците на МВР, меѓу кои ги имаше и специјалните единици, ги сместија популарните Чкембари во еден ќош од нивното место во салата, далеку од редарите со кои влегоа во конфликт, по што брзо беа смирени тензиите. Но, кога сите очекуваа средбата да продолжи, кошаркарите и стручниот штаб на зелено-белите реши да се повлече од теренот и да замине во соблекувалната.

По реакција на комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ и претседателот на КФМ, Перо Антиќ, проблемот беше решен, а битлчани се вратија на паркетот и средбата продолжи. Среќа за Пелистер што прекинот поради повлекувањето не траеше подолго од 15 минути, бидејќи во тој случај казните ќе беа ригорозни - службен пораз на мечот и во серијата, но и преселба на клубот во Третата лига.