Шампионот се одбрани: МЗТ убедливо до 2-1 против Блокотехна (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје одново го презедоа водството во полуфиналето од плејофот, откако по вечерашниот триумф на домашен терен (89-72) поведоа со 2-1 во серијата што се игра до три победи.

Сино-белите најголем дел од работите на овој меч ги направија уште во првата четвртина, во која со серија 16-3 за само неколку минути дојдоа до предност од 12 поени (23-11), која им дозволи со помал притисок да го доиграат натпреварот. Ваквиот однос на силите продолжи до крајот на полувремето, период во кој „металците“ умешно ја задржуваа тешко стекнатата позитива. МЗТ Скопје максимално ја користеше предноста под кошевите, каде што доминираа Јуре Лалиќ и Андрија Бојиќ, додека гевгеличани се соочија со голем проблем со четвртиот прекршок на Двејн Бенџамин уште во 15. минута од средбата.

Но, тоа не ги спречи кошаркарите на Блокотехна амбициозно да го почнат последниот квартал и тоа со пет поени во низа за потоа да ја намалат на негативата на достижни пет поени (43-48). По неколку минути, гостите имаа можност да дојдат и на само минус три, но Шакир Смит евтино прокоцка еден брз контранапад, што аеродромци веднаш го казнија и третите десет минути ги завршија со нова двоцифрена предност (65-55).

Тоа беше најава за конечниот епилог на овој меч, со оглед што составот на Гевгелија немаше сили да продолжи во ист ритам, што беше искористено од „металците“ кои четвртиот дел до крајот успеаја дури и да ја зголемат ионака високата предност. Поголемиот број асистенции (21-14) и далеку помалиот број загубени топки (11-17) беа главните причини што МЗТ Скопје одново дојде до водство во полуфиналната серија и се најде на чекор до 13-тиот пласман во големото финале.

Сино-белите овој пат одиграа далеку подобро во одбраната, го задржаа противникот под границата од 70 поени, што им беше и гаранција за успешен епилог. За Блокотехна овој пораз може да биде уште потежок со оглед што на сто секунди пред крајот посериозно се повреди нивниот најдобар поединец, Двејн Бенџамин, кој мораше на раце на соиграчите да го напушти паркетот.

Бојиќ со 22 поени и осум скока беше најдобар кај МЗТ, Дарко Соколов постигна 15, Дамјан Стојановски 13 поени со четири украдени топки, а Лалиќ реализира 12 поени. Данило Мијатовиќ со 17 и Марјан Младеновиќ со 14 поени беа најпрецизни кај Блокотехна.

Следниот меч од серијата се игра веќе задутре (вторник), во Гевгелија, каде што домаќинот ќе проба со победа да се избори за „мајсторка“ додека аеродромци да стават крај на возбудливото полуфинале. Во другата серија, Работнички води со 2-0 против Куманово и утре ќе ја има првата меч-топка за 19. финале.