Блокотехна е дебитант каков што досега немало во макбаскетот!

Поразот во синоќешниот четврти дуел од полуфиналето од плејофот против МЗТ Скопје значеше и крај на сезоната за Блокотехна, екипа која со сѐ што направи сезонава ќе влезе во историјата на македонската кошарка како убедливо најдобар дебитант во елитата.

Гевгеличани првпат беа дел од Првата лига и веднаш се етаблираа како фактор во битката за највисок пласман. Во двете домашни натпреварувања стигнаа до полуфиналето во кои кобни за нив беа пресметките со сино-белите од Аеродром, кои прво со 78-89 ги совладаа во Купот на Македонија, а потоа и со 1-3 во доигрувањето за титулата. Ќе остане запаметено и дека избраниците на тренерот Марјан Илиевски стигнаа и до завршниот турнир од Балканската лига (БИБЛ) и тоа со доминација во најголемиот дел од регуларниот дел од сезоната. На фајналфор-турнирот во бугарски Самоков ги загубија и двете средби (Левски Лукоил и Рилски спортист), плаќајќи го данокот на неискуството, но и на огромната судиска пристрасност во корист на противниците од земјата домаќин.

„Без разлика на елиминацијата од МЗТ Скопје, салата ја напуштаме со кренати глави, горди на тоа што постигнавме сезонава односно на впечатокот кој го оставивме изминативе месеци. Кошаркарите го даваа максимумот, а управата на клубот ни овозможи идеални услови за работа, на што сум и бескрајно благодарен. Огромна благодарност и за гевгелиската публика која редовно нѐ бодреше и која е една од најдобрите во Македонија“, вели тренерот на екипата која во најголем дел од сезоната беше второпласирана на табелата.

Кошаркарите на Блокотехна во првата сезона во елитата одиграа вкупно 52 натпревари на трите фронта со 65,4-отстотна успешност односно со 34 победи и 18 порази. Ова се бројки за респект, ако се земе в предвид фактот што составот од Гевгелија поголемиот дел од сезоната го одигра со ротација од само осум играчи, што на крајот донесе и голем замор на материјалот во моментите во кои се решаваше конечниот пласман.

Илиевски успешно погоди поголем дел од странските кошаркари, пред сѐ Двејн Бенџамин, Данило Мијатовиќ и Антон Казарновски, кои го носеа дресот на овој тим од првиот до последниот меч, а и тие малку домашни играчи кои му беа на располагање покажаа завиден квалитет и отидоа далеку понапред во однос на претходните сезони. Стојан Ѓуроски го потврди репрезентативното педигре, додека Горан Главчев покажа огромен напредок со кој дефинитивно почна да чука на вратата на националниот тим. Ова првенство ќе остане запаметено и по неговиот трипл-дабл ефект на мечот против Струмица во кој имаше остварување од 16 поени и по десет скока и асистенции како само четврти македонски кошаркар кому му успеало тоа.

Пред управата на Блокотехна сега е период во кој треба да се направат анализи, да се види што било добро, а што треба да се подобри со цел во следната сезона оваа екипа да влезе уште посилна и со поголеми амбиции, пред сѐ на меѓународна сцена. А, дали тоа пак ќе биде БИБЛ, некое од натпреварувањата на ФИБА или, пак, АБА2-лигата тоа останува да го реши управата на клубот.

УЧИНОКОТ НА БЛОКОТЕХНА СЕЗОНАВА

ПРВЕНСТВО: 23-13

БИБЛ: 10-4

КУП НА РМ: 1-1