Сѐ е решено: Работнички се спаси, Феникс испадна

Екипата на Феникс го комплетира триото кое од Суперлига се сели во понизок ранг идната сезона.

Составот од Гази Баба, кој пред три години играше и во финалето од Купот на Македонија, ќе им прави друштво на Гостивар и Ангели откако денеска загуби од Чаир како гостин со 63-76. На коло пред крајот на плејаутот, Феникс има два бода помалку од Работнички и со тоа автоматски ја загуби битката за опстанок во елитата.

Феникс играше добро во првото полувреме, на стартот од вториот период имаше предност и од девет разлика (22-13), но потоа контролата ја презеде домашниот тим, направи пресврт и со мали прекини, го задржа водството до крајот. Пресвртот се случи по серијата од 9-0 со кој Чаир отиде на 34-30, Феникс пак се врати во водство на стартот од третиот квартал, но следуваше нова серија, сега од 13-0 за 47-36. Во последната четвртина Феникс се доближи на четири разлика, но не успеа да дојде до победа.

Билингсли со 22 поена и 12 скока го предводеше Чаир, но се истакна и Тачи со 14 поени и 16 асистенции, како и Саити со 21 поен. Рахама и Ниа беа единствени со двоцифрен ефект кај Феникс, со 13, односно 11 поени.