Првиот меч од финалната плејоф-серија помеѓу МЗТ Скопје и Работнички дефинитивно ќе се одигра, откако домаќинот ги исполни безбедносните услови кои му беа поставени од МКФ уште пред почетокот на Суперлигата.

Аеродромци најавија бојкот на оваа средба ако не биде сѐ како што било договорено, но до тоа нема да дојде бидејќи во салата „Градски парк“ постојат сите услови за натпреварување 15-минути пред стартот на дуелот. Во салата има голем број професионални редари, кои не дозволуваат да има публика во двата први редови на главната трибина кои се најблиску до теренот. Ложата целосно е затворена, а Сити парк бојс се делумно дислоцирани на бараната дистанца од делот на теренот каде што седат резервите на гостинот.

Сето ова најавува дека финалната серија може да почне во фер и коректна атмосфера, што воедно е гаранција дека сето внимание на присутните и на јавноста ќе биде онаму каде што треба – на актерите на паркетот.