Првакот лесно го освои „празниот“ Гостивар и го зголеми притисокот врз Пелистер!

Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми дојдоа до осмата победа во низа во домашното првенство, откако вечерва, како гости, релативно лесно го совладаа Гостивар (85-72), во меч кој се одигра пред празни трибини поради казната на домаќинот поради инцидентот во претходното коло против Пелистер.

Гостиварци се држеа се до пред крајот на втората четвртина, до кога неретко и беа во водство (37-34), но потоа следуваше одличен период на гостите. Аеродромци до крајот на полувремето и во првата половина од третиот дел од мечот направија серија 29-12 со која дојдоа до највисоки плус 14 (63-49), кои потоа умешно ги сочуваа до самиот крај.

Роберт Рикиќ и Војдан Стојановски беа лидери на аеродромската чета со по 16 поени, на кои хрватскиот центар додаде и десет скокови, додека Кристијан Николов средбата ја заврши со 15 поени. Никола Силаџи со 25 поени и 11 скока беше убедливо најдобар кај Гостивар.

Со овој триумф, МЗТ Скопје го зголеми притисокот врз Пелистер, најголемиот ривал за првата стартна позиција пред плејофот, кој сега мора да победи на утрешното гостување кај Еуро Никел ако сака прашањето за лидерот да се решава во последното коло во Битола во директен дуел на двете најдобри екипи. Но и кавадарчани ќе имаат огромен мотив, бидејќи со евентуална победа ќе бидат сигурно учесници во плејофот во кој речиси сигурно би влегле од третата позиција.

Во склоп на Плејаутот, Кожув како гостин беше убедлив против МЗТ Скопје 2 (108-76), Куманово лесно ја преслуша Академија ФМП (109-75) на нејзин терен. Веќе е познато дека следната сезона МЗТ 2 и Ангели ќе играат во Втората лига, додека нивните места ќе бидат пополнети со Струмица и Чаир 2030.

Ангели продолжи со одличната серија и ја запиша четвртата победа во серија во домашниот шампионат, и тоа со 76-62, меѓутоа истата немаше голема важност затоа што тимот од Кисела Вода од следната сезона ќе игра во Втората лига.