Пелистер експресно најде нов плејмејкер – од универзитетот на Мајкл Џордан!

Американецот Кристијан Килинг (25 год, 191 см) е последното странско засилување за Пелистер во пресрет на новата кошаркарска сезона во Македонија, која почнува вечерва со пресметката од Суперкупот помеѓу МЗТ Скопје и Феникс (19.30 часот).

Станува збор за веќе релативно искусен плејмејкер, зад кого се три сезони во Европа од кои една во дресот на Глазгов Рокс од Шкотска и две во таборот на финскиот тим Катаја. Зад него е релативно импресивна кариера во НЦАА-лигата, каде што во четири сезони има просек од скоро 15 поени, а каде што во последната настапуваше во Универзитетот Северна Каролина, чиј дрес своевремено го носеше легендарниот Мајкл Џордан.

Килинг доаѓа на местото на сонародникот Ламан Норман Џуниор, кој не го задоволи вкусовите на тренерот Марјан Илиевски поради што набрзо по доаѓањето си замина од Битола. Зелено-белиот дрес ќе го носат и уште тројца кошаркари од САД и тоа Ренди Брамант, Малком Бернард и Кристијан Банди, додека од домашните кошаркари беа потпишани Александар Костоски, Амар Хот и Лука Стојановски, а во тимот остана капитенот Андреј Маслинко.

Пелистер сезонава повторно ќе биде дел од АБА2-лигата.