Неверојатно: Дрски крадци три пати во 15 дена ги ограбуваат просториите на КК Гостивар!

Додека вниманието на целата држава е насочено кон борбата со пандемијата со коронавирусот, дрски крадци трет пат во 15 дена провалиле и ги ограбиле службените простории на второпласираниот тим во кошаркарската Прва лига, екипата на Гостивар.

Според пишувањето на „Гостивар прес“, направена е материјална штета при што е одземена опрема на клубот, спортски реквизит и документација.

„Трет пат во последните две недели е провалено во напите простории, за што е пријавено во полиција“, велат од КК Гостивар.

Просториите на гостиварскиот прволигаш се наоѓаат во подтрибинскиот дел од салата „Младост“, која веќе неколку сезони најчесто е претесна на натпреварите кои таму ги играат избраниците на тренерот Марјан Србиновски. Таа е затворена поради мерките на Владата во борбата против Ковид-19, но тоа не ги спречило дрските крадци не само насилно да влезат внатре, туку и да ја оштетат внатрешноста и надворешноста на спортскиот објект со графити и чкртаници.

Полицијата веќе изврши увид и работи на откривање на сторителите.