Неочекувано: Дербито помеѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе се игра во – Гостивар!

Вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, кое вчера „присилно“ беше одложено поради неисправност на семафорот во салата „Градски парк“, ќе се одигра вечерва (19 часот) и тоа во – Гостивар.

По долго премислување и барање опции, истовремено со обиди да се поправат семафорот за 24 секунди во нивниот дом, управата на 14-кратниот шампион реши како заменски објект да ја понуди гостиварската сала „Младост“. Ова е изнудена одлука бидејќи ако не најдоа брзо решение, црвено-белите се соочуваа со службен пораз според Пропозициите за натпреварување на МКФ. Средбата, според информациите од домаќинот, ќе се одигра без публика.

Тоа би било прво првенствено вечно дерби надвор од Скопје во историјата на дуелите на двата најдобри македонски кошаркарски тима, а прво во Гостивар по пауза од дури 24 години. Претходната пресметка на Работнички и МЗТ Скопје во овој град во Западна Македонија се случи во финалето од Купот на Македонија во 1994 година, кога центарци славеа со 81-49.