МЗТ по голема борба ја доби битката за Чаир која траеше - два дена!

Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје го победи Чаир со 89-84 во продолжението од натпреварот кој почна во четвртокот, но беше прекинат на крајот од првото полувреме поради напад на гостинските кошаркари.

Мечот се доигра без публика што беше од големо помош за аеродромци кои во такви услови подобро се снајдоа и дојдоа до посакуваниот триумф. Во финишот од третата четвртина МЗТ Скопје имаше двоцифрена предност (64-54), но Чаир во последниот квартал направи пресврт и поведе со 68-67 на крилјата на фантастичниот Галовеј. 

Шампионот одговори со серија од 8-0, драмата продолжи до крајот, а чаирчани својата шанса ја испуштија на две минути пред крајот кога поради две неспортски лични грешки, Војдан Стојановски мораше да го напушти теренот. Во тие моменти, МЗТ Скопје имаше предност од 81-75, но Далгер промаши две слободни фрлања и потоа ја загуби топката што му овозможи на Баковиќ да постигне кош за +8 со што дефинитивно беше скршен отпорот на Чаир.

Убедливо најдобар играч на натпреварот беше кошаркарот на Чаир, Галовеј кој постигна 40 поени со 12 тројки од 16 обиди. Сепак, немаше соодветна поддршка од соиграчите бидејќи остатокот од тимот погоди само две тројки. Кај МЗТ Скопје, Гилон заврши со 19 поени и 7 асистенции. За шампионот, ова беше последен тежок тест пред крајот на основниот дел од сезоната и многу веројатно во плејофот ќе влезе од првата стартна позиција.