
МЗТ го прегази и Кожув и најдоминантно во историјата дојде до трофејот во Купот!
Аеродромци и овој меч го одиграа доминантно како по ниту, потврдувајќи го можеби најдоминантниот триумф во досегашната куп-историја, гледајќи ги сите одиграни натпревари на патот кон славјето. „Металците“ прво го совладаа Работнички со плус 34, потоа беа подобри од Пелистер со 15 поени разлика, за на крајот да финишираат со стил и да победат со позитива од 25 поени во клучната пресметка. Неизвесноста во финалето траеше само во пвите неколку минути, кога домаќинот ја имаше последната предност (7-6), по што аеродромци постигнаа осум поени во низа, а потоа со серија 12-3 дојдоа до плус осум (18-10), предност која само ја зголемуваа до крајот.
Бојан Крстевски со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека зад него се најдоа Андреј Маслинко со 15 поени и Војдан Стојановски со 12 поени. Андрија Стевановиќ со 20 поени беше најпрецизен кај гевгеличани.
МЗТ Скопје со 13-тата победа останува неприкосновен во Купот на Македонија, пред Работнички кој има три триумфи помалку.