Како ретко кога претходно, кошаркарите на МЗТ Скопје лесно и можно го овоија „Градски парк“, откако вечерва, во меч од 7. коло, буквално го збришаа најголемиот ривал Работнички со дури 25 поени разлика (93-68).

Подолгата клупа на „металците“ им овозможи да играат максимално агресивно во одбраната, што, пак, им донесе двоцифрен број украдени топки и многу лесно поени во транзиција. Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање имаше далеку поголем број расположени кошаркари, што максимално го користеше, додека на спротивната страна само Хејден Лесколт беше на висината на задачата. Аеродромци одиграа фантастично во дефанзивата на најдобрите двајца во составот на центарци, Двејн Бенџамин и Данило Мијатовиќ, по што крајниот епилог и не делува изненадувачки.

МЗТ Скопје уште во првите неколку минути покажа дека е дојден по бодовите, што се види од водството 12-4, кое домаќинот,сепак, не дозволи да се зголеми одржувајќи каква-таква неизвеснот до крајот на воведната четвртина. Но, гостинскиот тим вториот период го почна фуриозно, со десет поени во низа, со што дојде до првата поопиплива разлика, која не ја испушти до крајот. Второто полувреме беше само формалност, која, „металците“ сериозно ја сфатија па дојдоа и до максимални плус 30 (83-53), по што следеше разбирливо опуштање што Работнички го искористи делумно да ја намали негативата.

Џабари Хиндс одигра фантастичен меч и беше централна фигура со 22 поени и по пет скока и асистенции, а веднаш зад него беше Ерон Харис со 18 поени и четири скока. Двоцифрен ефект имаше и Андреј Маслинко со 13 поени, додека Дамјан Стојановски средбата ја заврши со девет поени, три скока и дури четири украдени топки. Лескот со 25 поени беше најпрецизен кај центарци.

Претходно вечерва, Гостивар го совлада Еуро Никел (94-87), додека вчера Кожув како гостин го победи Пелистер, Академија ФМП го совлада Вардар, а Куманово беше подобар од МЗТ Скопје УНИ Банка.

ТАБЕЛА: Гостивар 6-1, МЗТ Скопје 6-1, Кожув 5-2, Еуро Никел 5-2, Работнички 4-3, Куманово 4-3, Пелистер 2-5, Академија 2-5, Вардар 1-6, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-7.