Прволигашите со четири странци во тимот, а со тројца Македонци на терен!

Намалување на бројот на странци од шест на четири и зголемување на задолжителната бројка македонски играчи во секој момент на терен од двајца на тројца, е предлогот со кој Македонската кошаркарска федерација (МКФ) ќе излезе пред клубовите на Собрание кое во дописна форма би се одржало во најскоро време.

Ова е решение донесено заеднички на денешниот состанок со прволигашите, кои најдиректно се засегнати со ова прашање. Зголемувањето на бројот на Македонци ќе важи само во првиот дел од сезоната, додека во Суперлигата и плејофот ќе важи досегашниот принцип од двајца македонски кошаркари во исто време на паркетот.

На состанокот имало идеја да се врати правилото за задолжително играње на младинец на средбите од првиот дел од шампионатот, нешто што беше на сила пред пет-шест години, но таа не мина кај прволигашите. Првенствено поради недостатокот на квалитетни кошаркари на таа возраст, бидејќи секој тим би морал да има двајца или тројца во ростерот за да може да ги ротира во текот мечот, како и поради непотребната гаранција на минутажа која може да делува и демотивирачки кај младите кошаркари.

За сезоната 2019/2020 правилото со тројца Македонци ќе важи до почетокот на полуфиналната серија од плејофот, а од сезоната 2020/21 тоа ќе биде на сила во текот на целата сезона. Во следните три сезони ќе остане забетонирано правилото за четири странци.