Гостивар ги обнови договорите со ветеран и со младински репрезентативец!

Едно од најпријатните изненадувања на минатата сезона, екипата на Гостивар, почна да работи на креирање екипа за следниот шампион и тоа со обновување на договорите со двајца битни кошаркари од ростерот на тренерот Марјан Србиновски.

Станува збор за ветеранот Диме Тасовски и за младиот и перспективен Јетон Зеќири, кои денеска потпишаа нови, едногодишни договори со прволигашот од Западна Македонија. Најавите се дека во следниот период ќе бидат обезбедени потписи на уште неколку домашни кошаркари, со што Србиновски би можел да направи тим кој би одговорил на новите барања меѓу кои се и задолжително присуство на тројца Македонци во секој момент на паркетот.

„Со Тасовски и Зеќири ја почнуваме изградбата на тимот за наредната сезона. Цел ни е во следниот период да осигураме потписи на уште неколку домашни играчи“, вели тим-менаџерот на Гостивар, Бали Саити.

Тасовски во просек играше по 28 минути со ефект од 12,9 поени, 3,4 скока и две асистенции по натпревар, додека Зеќири за нешто повеќе од 19 минути просечно реализираше по 7,5 поени, 4,6 скока и 0,9 асистенции.