Деветмина кои го „ваделе лебот“ во Македонија сега се дел од – европската елита!

Со години наназад за македонската клупска кошарка се говори дека е магнет за привлекување евтини странци за кои дури и најблиските роднини не знаат дека настапуваат како интернационалци, теза која делумно се разбива со информацијата дека на актуелното Европско првенство (ЕП) во Германија, Италија, Чешка и Грузија настапуваат деветмина кои го „ваделе лебот“ низ нашите сали.

Најмногу претставници на континенталниот собир има актуелниот шампион МЗТ Скопје и тоа две третини од вкупната бројка. Двајца има во селекцијата на Велика Британија и тоа Ден Кларк и Девон Ван Острум, а по еден во Холандија, Хрватска, Црна Гора Грузија. Станува збор за Шарлон Клоф, Доминик Мавра, Никола Павличевиќ и Георге Цинцадзе. Веднаш зад „металците“ е некогашниот нивни голем ривал Карпош Соколи, кој веќе неколку сезони не постои.

„Соколите“ со сино-белите го делат Мавра, кој настапуваше за двата тима, а како свои „уникатни“ претставници ги имаат Кендрик Пери, кој игра за Црна Гора, како и Тадеус Мекфејден, бекот-шутер на грузиската репрезентација. Свој претставник има и Работнички, најтрофејниот македонски кошаркарски колектив и тоа во капитенот на Бугарија, Чавдар Костов, кој беше лидер на центарци во освојувањето на последната шампионска круна во 2018 година.

Македонија не настапува на ЕП 2022, кое е прво по пауза од дури пет години поради промената во системот на натпреварување на ФИБА, како и поради пандемијата со коронавирусот.