Рим обоен во црвено: Рома за осум минути го „реши“ Лацио (ВИДЕО)

Екипата на Рома потврди дека се враќа во форма откако вечерва ја оствари третата победа во последните пет кола во Серија А.

Оваа е најслатка затоа што е остварена против градскиот ривал Лацио кого Рома како формален домаќин го совлада со 2-0. Тоа е втор триумф по ред на „волчицата“ над Лацио и трет меч во низа на кој не прима гол.

Се беше решено во период од само осум минути, од 10. до 18. во кои Рома ги постигна двата гола. Во двете акции учествуваше Селемакерс кој прво му асистираше на Пелегрини за почетно водство на неговиот тим, а потоа го постави конечниот резултат. Во второто полувреме Лацио имаше неколку изгледни шанси да намали, се тресеше конструкцијата од голот на Свилар, но „сините“ не успеаја да ја затресат мрежата.

Со оваа победа Рома се искачи на десеттата позиција и полека се оддалечува од зоната за испаѓање, но далеку од тоа дека е безбедна ако се знае дека разликата со 18-пласираниот Лече е само шест бода.